Американските и украинските претставници изјавија дека постигнале значителен напредок во дводневните разговори со цел да се приближат кон крајот на руската инвазија, но остануваат отворени клучните прашања, вклучително и судбината на територијата што Киев продолжува да ја држи под контрола во источниот регион Донецк.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 декември изјави дека разговорите биле тешки, но корисни, а неговиот главен преговарач, Рустем Умеров, рече дека во Берлин е постигнат „вистински напредок“ со специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кои се меѓу тимот американски делегати.
„Ќе бидам искрен со вас, ваквите разговори никогаш не се лесни. Но, тоа беше продуктивен разговор, со многу детали, навистина многу“, рече Зеленски на германско-украинскиот бизнис форум што следеше по состанокот меѓу САД и Украина.
На прес-конференцијата подоцна со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски рече дека страните „имаат разлики“ во однос на територијата, велејќи дека прашањето „не е затворено“.
Тој посочи дека украинските преговарачи ќе продолжат со разговорите со американската делегација, а американски функционер рече дека Трамп ќе се јави на заедничка вечера.
„Територијалното прашање е болно. Знаеме 100 проценти што сака Русија – и за мене е клучно што Американците ме слушнаа за ова“, рече Зеленски.
„Верувам дека Американците, како медијатори, ќе истражат различни начини за решавање на проблемите“, вклучувајќи ги и тие за територија и финансиите за реконструкција на Украина.
Американците „работат исклучително конструктивно за да ѝ помогнат на Украина да најде начин за мировен договор што ќе трае. Се надеваме дека до крајот на денот ќе постигнеме договор што ќе нè доближи до мир“, напиша Умеров иако останува нејасно дали тој го мисли тоа и буквално до крајот на денот.
slobodnaevropa.mk




