Светот се вооружува со темпо како од Студената војна

Во изминатите пет години, глобалните испораки на оружје се зголемија за речиси десет проценти во споредба со претходниот петгодишен период. Ова произлегува од новиот извештај на Стокхолмскиот институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Бизнисите со оружје и воени производи денес повторно достигнуваат приближно обем каков што имаа на крајот од Студената војна во 1989 година. Во годините потоа, до почетокот на новиот милениум, тие значително се намалија – за околу една третина.

Помеѓу 2016 и 2020 година, Азија и Океанија (42 проценти од целиот увоз) и Блискиот Исток (32 проценти) беа најважните региони за увоз. Европа беше на третото место со само 12 проценти.

Во меѓувреме, тоа се промени. Во споредба со двата петгодишни периоди, увозот на оружје на европските земји се зголеми повеќе од трипати.

Европа сега е на прво место во светот во однос на увозот на оружје – со удел од 33 проценти. По неа следат Азија и Океанија (31 процент) и Блискиот Исток (26 проценти).

Во исто време, повеќе не е само Украина таа што увезува оружје, иако е најголемиот индивидуален увозник во светот со удел од 9,7 проценти. Од 2022 до 2024 година, испораките до земјата која се бори за опстанок, беа најочигледниот и одлучувачки фактор во зголемувањето на купувањето оружје во Европа.

„И повеќето други европски земји почнаа да увезуваат значително повеќе оружје за да ги зајакнат своите воени капацитети поради она што го сметаат за растечка закана од Русија“, објаснува Метју Џорџ, еден од авторите на новата студија на СИПРИ.

Пазарот – може да се каже – го одразува растечкиот страв од војна во Европа.

Помалку американски испораки во Украина
Според податоците на СИПРИ, обемот на испораки на американско оружје во Украина во 2025 година е значително помал отколку во претходните две години. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја намали воената помош за Киев.

Меѓутоа, САД и натаму остануваат најважниот извозник на оружје во Украина. Бидејќи дури и кога сојузниците на Украина – било да се тоа европски земји, Австралија или Канада – заеднички купија големи количини оружје од САД и ги ставија на располагање на Украина, СИПРИ и натаму ги води како извоз на американско оружје во Украина.

Сепак, Украина повеќе не беше главната причина за понатамошниот раст на увозот на оружје во Европа.

Полска – рекордер по увоз на оружје
Имено, чувството на закана од Русија, како и предупредувањата на Трамп до Европејците, силно ја охрабрија побарувачката на европските членки на НАТО за оружје. Според извештајот, увозот на оружје од страна на сегашните 29 европски членки на НАТО се зголемил помеѓу 2016-2020 година и 2021-2025 година за 143 проценти.

Најголем увозник на оружје меѓу европските членки на НАТО и седми на планетата е Полска. Загриженоста на Полска, но и нејзината решителност, може особено да се види во споредбата на двата петгодишни периоди.

 

 

DW