Се спушти прашината над Фордо, оддалечениот планински нуклеарен објект на Иран, и две други локации за кои САД велат дека ги „збришале“ за време на викендот, во драматична ескалација на нивните напори да ја попречат нуклеарната програма на Техеран.
До денес, таа програма даде нешто повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум, што се смета за „блиску“ до степен на рафиниран ураниум што може да се стави во бомба.
Па каде е високо збогатениот ураниум на Иран?
„Мислам дека најбезбедниот начин да се опише тоа е дека Иран знае каде е, Меѓународната агенција за атомска енергија и јавноста не знаат, а ако Американците/Израелците знаат, тие не кажуваат“, вели Ричард Нефју, кој беше директор за Иран во Советот за национална безбедност на претседателот Барак Обама.
„Постои можност некаде во првите денови од војната, да го преместат, да однесат дел од него на друго место, но помеѓу САД и Израел и другите разузнавачки заедници, постои голема веројатност дека би бил откриен“.“, рече Орен Сетер, пензиониран израелски бригаден генерал и водечки експерт за Иран.
Иранците „веројатно мислеле дека е безбедно во тунелите“, вели тој.
По бомбардирањето на 22 јуни – и деветдневните израелски напади што му претходеа – разузнавачките аналитичари, меѓународните инспектори и нуклеарните експерти се потрудија да утврдат колку лошо се оштетени нуклеарните амбиции на Иран.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го повтори своето претходно инсистирање дека американските бомби нанеле огромна штета, особено на Фордо.
„Локацијата е уништена и мислиме дека сè што е нуклеарно е таму долу, тие не го отстранија“, рече тој на 25 јуни.
„Го погодивме Иран толку силно и толку брзо што немаа време да го преместат својот збогатен материјал. Многу е тешко да се премести, многу е тежок. Веруваме дека е закопан под гранит, бетон и челик.“
Засега, тоа не е јасно.
slobodnaevropa.mk




