На 23.06.2026 година, Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи во Скопје, во хотел „Холидеј Ин“, го организираше Годишниот состанок на Таск форс единицата за економски и компјутерски криминал на СЕЛЕК Центарот.
На состанокот присуствуваа претставници од сите 11 држави од Југоисточна Европа членки на СЕЛЕК, како и претставници на Интерпол и ФБИ, кои се оперативни партнери во борбата против финансискиот и сајбер криминалот.
Состанокот го водеше началничката Марина Пешовска, која воедно е и координатор на Таск форс единицата за целиот регион, потврдувајќи ја континуираната посветеност и придонес во зајакнувањето на регионалната соработка во справувањето со овие облици на криминал.
Во услови кога сајбер заканите стануваат се покомплексни и пософистицирани, а сајбер криминалот ги надминува националните граници, беше нагласена потребата од навремена размена на информации, интензивирање на меѓуинституционалната соработка и координирани оперативни активности.
Учесниците разменија искуства и добри практики, дискутираа за новите трендови и начини на извршување на кривичните дела од областа на сајбер криминалот, како и за предизвиците со кои се соочуваат институциите, со цел понатамошно зајакнување на капацитетите и креирање заеднички и ефикасен регионален одговор.
Министерството за внатрешни работи изразува благодарност до СЕЛЕК Центарот за континуираната поддршка и посветеност во унапредувањето на регионалната соработка во борбата против економскиот и сајбер криминалот.




