Вкупно шест наместо како што беше досега – три обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) попознато како ин витро, ќе бидат овозможени на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Ова една од законските измени усвоени на 10 јули годинава во Собранието, како што денеска (12 јули) соопштија генералните директори на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.
Според најавите, освен што БПО ќе биде вклучено во основниот пакет на здравствени услуги, ќе има и усогласување на ослободувањето од партиципација, но ќе се скрати времето на одлучување од три месеци на две седмици.
„Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистративниот процес“, потенцира Клековски.
Според податоците на ФЗО, се повеќе граѓани се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди.
Лани имало 1495 барања за ин витро. Најголем дел, односно 1280, биле за прво, 195 за второ, 15 за трето и 5 за четврто дете.
Максимален износ за еден обид е околу 93000 денари, а за 1106 реализирани во осумте центри во државата каде е тоа достапно, употребени се 89.547.990 денари.
slobodnaevropa.mk




