Без оглед на тоа како ќе заврши војната меѓу САД и Иран – на светските енергетски пазари ќе им биде потребно уште долго време за да се вратат во нормала. Многу набљудувачи се убедени дека експлозивниот раст на цените на горивата ќе даде клучен поттик за победнички марш на обновливите извори на енергија.
Зашто, во позадината на актуелното одмерување на силите во Персискиот Залив, двете најголеми светски економии се коцкаат околу тоа како ќе изгледа глобалната енергетска архитектура во иднина – и кој ќе доминира со неа. Актери се: САД под Доналд Трамп, кои со целосна сила го зголемуваат производството на нафта и гас, и Кина, која повеќе од една деценија е на пат од најголем светски загадувач со ЦО₂ да стане глобален задавач на темпото во електричната енергетска револуција.
Американците сакаат фосилната ера да ја одржат жива што е можно подолго, додека Кинезите чекор по чекор ја спроведуваат својата стратегија за доминација во светот со соларни панели, батериски складишта и електрични автомобили „Мејд ин Кина“.
Нафтата и гасот како лост за доминантна американска надворешна и економска политика
„Во САД јасно доминира агендата за енергетска доминација, која силно се потпира на фосилните енергетски пазари и се обидува енергетското богатство на САД во фосилниот сектор да го искористи во надворешната политика. Тоа оди дотаму што се прават обиди да се стават под контрола други држави богати со ресурси, како Венецуела, односно да се контролираат нивните ресурси, производството и извозот“, вели енергетскиот експерт Андреас Голдтау во интервју за ДВ.
„Од друга страна, ја имаме Кина, која силно се ориентира кон декарбонизација, кон секторот Clean Tech (обновливи извори на енергија плус нуклеарна енергија, н.з.), кон намалување на увозот на нафта и гас. Тоа не е само прашање на климатска политика. Напротив, тоа е прашање на економска безбедност“, објаснува Голдтау, директор на Школата за јавна политика Вили Брант при Универзитетот во Ерфурт.
DW




