Во заедничка операција на безбедносните служби во Косово уапсен е полицаец под сомнение дека шпионирал за српските безбедносни структури, објави в.д. министерот за внатрешни работи, Џелал Свеќала.
Полицаецот Бојан Јевтиќ, рече косовскиот министер, е шестото лице уапсено за случаи на шпионажа порачувајќи дека „истата судбина ќе го снајде секој што ќе се обиде да ја поткопа работата и улогата што ѝ е доверена на полицијата“.
„Професионализмот, соработката и координацијата на безбедносните институции на Република Косово се неопходни за постигнување резултати во борбата против нелегалните активности, особено оние со висок ризик кои често имаат извор во српските разузнавачки структури“, изјави тој.
Специјалното обвинителство на Косово го потврди апсењето на полицаецот кој се сомничи за сторено кривично дело „шпионажа“ и посочи дека за лицето е одреден притвор од 48 часа.
„За време на претресот на куќата на осомничениот во село во Каменица, запленети се материјални докази, како што се: доверливи документи на косовската полиција, неколку паметни телефони, USB мемориски стик, пиштол, муниција, готовина во вредност од 10.000 евра, два милиони српски динари, 600 швајцарски франци и други докази што ќе бидат испитани за време на истрагата“, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму додаваат дека уапсениот полицаец ја извршувал функцијата началник на операции во граничната полиција на преминот „Бела земја“, како и дека Инспекторатот препорачал негово суспендирање.
slobodnaevropa.mk




