Со 60 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ пратениците во македонското Собрание денеска, 17 јули, го изгласаа Законот за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија.
Координаторот на пратеничката група на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во обраќањето на собраниската седница оцени дека договорот треба да се поздрави како „како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата“.
Според власта, договорот е јасна порака дека Северна Македонија гради „стабилни, долгорочни и доверливи партнерства со вистински пријатели“.
„Партнерството ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери – инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичка технологија, сајбер безбедност и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа. Договорот нуди можности за домашната економија преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти“, рече пратеникот Мицевски.
slobodnaevropa.mk




