Поевтини горива од полноќ

Од полноќ, горивата ќе се продаваат по нови, пониски цени, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Цените на бензините и на дизел горивото се намалуваат за 1,5 денари во однос на цените утврдени минатата недела.

Така, од полноќ бензинот БС-95 ќе се продава по цена од 80,50 денари за литар, бензинот БС-98 ќе чини 82,50 денари за литар, додека дизел горивото ќе се продава по цена од 94 денари за литар.

Поскапување на екстра лесното масло, поевтинување на мазутот
Со истата одлука на РКЕ, екстра лесното масло за домаќинство поскапува за половина денар и од полноќ ќе се продава по 97 денари за литар. Истовремено, цената на мазутот се намалува за 2,939 денари по килограм и тој ќе се продава по 46,288 денари за килограм.

Дополнително, овие цени ќе бидат пониски и поради попустот што компанијата ОКТА го воведе за горивата, а кој важи до 30 април. Попустот се применува при продажба на дизел и бензини кон големопродажните и малопродажните трговци.

Попустот дополнително ги намалува цените на горивата
Попустот за дизел изнесува 3 денари по литар, додека за бензините од 95 и 98 октани изнесува 2 денари по литар. Со тоа, цената на дизелот би се спуштила на околу 91 денар, а бензините би се движеле во распон од 78,50 до 80,50 денари за литар.

Владата деновиве донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 4 мај. Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за дизел горивото за 4 денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денари по литар.

Дополнително, Владата донесе и измена на Одлуката за примена на повластената стапка на ДДВ. Согласно измените, повластената даночна стапка од 10% ќе продолжи да се применува за бензините, додека за останатите производи повторно ќе важи редовната стапка од 18% ДДВ.

 

 

DW