Рекламирање на брзи кредити со 0 отсто камата, нејасни информации за потрошувачот да донесе одлука за кредит, важни услови напишани со најситни букви. На ваквата пракса, која корисниците ги честопати ги доведува во заблуда – и доаѓа крајот.
Министерството за финансии подготвува законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва. Целта на законските измени е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и да се зголеми транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва. Паралелно со тоа, Министерството продолжува со интензивни контроли за заштита на граѓаните и спречување на непочитување на законот.
Одземена лиценца
Токму по еден вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин, Министерството за финансии одзеде дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако таму биле утврдени сериозни повреди на законските обврски. Надзорот утврдил грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на граѓаните – корисници на финансиските услуги, како и практики со кои корисниците директно биле доведени во ризик.
„Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, соопштија од ресорот.
Оттаму најавија дека продолжуваат со засилени теренски и вонтеренски контроли над финансиските друштва. Во досегашните надзори биле констатирани повеќе неправилности, при што од почетокот на годината досега биле изречени 22 глоби за 16 друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Од Министерство за финансии не го објавија името на друштвото чија дозвола е одземена, но го објавија медиуми и дел од функционерите. Првиот вицепремиер Беким Сали во објава на Фејсбук оцени дека Владата докажала оти никој не е над законот кога станува збор за заштита на граѓаните и јавниот интерес.
„Најдобар пример е одлуката за одземање на лиценцата на „Креди Јес“, како резултат на прекршувања и практики што им наштетија на граѓаните. Ова е јасна порака дека институциите дејствуваат решително против злоупотребите во финансискиот сектор. Нашата посветеност продолжува со посилни контроли, поголема транспарентност и конкретни мерки за гарантирање на финансиска сигурност за секој граѓанин“, напиша Сали.
Се вртиш во круг
За небанкарските финансиски друштва досега се сметаше дека „гром не ги бие“, иако многу граѓани се изгореле поради нејасни, недоволно објаснети или нетранспарентни услови за добивање брзи кредити. Оние кои поминале низ тоа искуство, го опишуваат како најкус пат за влез во магичниот круг на сиромаштијата.
„Ќе се доведеш во ситуација да земеш втор кредит за да го вратиш првиот, а потоа трет за да го враќаш вториот. Тоа станува приказна без крај. А посебна приказна се агресивните начини од финсиските друштва за наплата на долговите“, се дел од сведоштвата на оние кои брзоплето влегле во авантурата „брз кредит”.
DW




