Денеска започнува аџилакот за многу муслимани од целиот свет

И покрај војната во регионот на Персискиот Залив, муслиманите од целиот свет не дозволија да бидат одвратени од аџилакот во Мека ни оваа година. До викендот, повеќе од 1,5 милиони луѓе веќе допатуваа во градот за хаџот, соопштија саудиските власти. Така, бројот на аџии од целиот свет во регионот на Персискиот Залив дури го надмина и минатогодишниот.

Аџилакот традициоанално се одржува еднаш годишно, во последниот месец од исламскиот лунарен календар. Тоа е еден од петте столба на исламот. Секој побожен муслиман кој е здрав и финансиски способен треба да учествува во ова повеќедневно поклонение барем еднаш во животот.

Меѓутоа, амбасадата на САД во Ријад, поради неизвесната ситуација, им препорача на своите граѓани да не учествуваат во поклонението. Од април, во сила е кревко примирје во војната на САД и на Израел против Иран за време на која Техеран ги нападна и сојузничките држави од Персискиот Залив, како што е Саудиска Арабија.

„Безбедноста е највисок приоритет“
Иако во текот на викендот имаше сигнали дека може да се постигне привремен договор меѓу завојуваните страни, новите конфликти, според експертите, би можеле да влијаат и на аџилакот.

Саудиските власти однапред уверуваа дека ќе сторат сè за да ја осигураат безбедноста на аџиите.

„Безбедноста на аџиите има највисок приоритет во сите безбедносни, организациски и сообраќајни планови“, рече Мухамед Ал Басами, саудискиот генерал задолжен за безбедноста на хаџот, на прес-конференција.

Во минатото, повеќепати имаше смртни случаи поради огромните толпи или екстремните горештини.

 

 

DW