Томас Вајц го поддржа дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, но ЕУ бара конкретни чекори

По усвојувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија од страна на Европскиот парламент во средата (17 јуни), известувачот Томас Вајц порача дека земјата има резултати, но уставните измени остануваат клучен услов за отворање на преговорите со ЕУ.

На прес-конференција тој порача дека постои разбирање за позицијата на македонската Влада која стравува од дополнителни услови и нагласи дека ЕУ мора да обезбеди поголема предвидливост на процесот.

Напредокот на Северна Македонија во извештајот на ЕУ
„Имаме успеси, иако тие се помали. Ние подготвивме извештај за напредокот, но и за одредени недостатоци. Тоа не беше случај пред три години“, изјави европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, на прес-конференцијата по усвојувањето на извештајот за напредокот на земјата на патот кон Европската Унија.

На заедничката прес-конференција со известувачот за Црна Гора, Марјан Шарец и црногорската министерка за европски работи, Маида Горчевиќ, европратеникот Вајц се осврна на главните заклучоци во извештајот, наведувајќи дека тие јасно покажуваат каде е направен напредок, а каде треба дополнително да се работи.

„Извештајот јасно покажува каде е направен напредок, што го покажува и Реформската агенда од Планот за раст во однос на средствата дадени на државата за реформите кои се испорачани. Тука, исто така се и стратешките прашања како Коридорите 8 и 10 и соработката во безбедносниот сектор, било да станува збор за полициската соработка, соработката во судството или соработката во однос на заедничката безбедносна и надворешна политика каде гледаме целосна усогласеност на Северна Македонија како земја членка на НАТО“, рече Вајц.

Тој истакна дека земјата полека се движи на патот кон ЕУ, но дека се потребни одредени реформи, со оглед на тоа дека првите поглавја од преговорите уште не се отворени. Ова е истакнато во неколку точки во извештајот кои се фокусираат на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите, прашања за животната средина, малцинствата, но и прашања кои се однесуваат на правата на жените, на родовите права, заштита на жените кои се жртви на семејно насилство, но и фундаментални права на граѓаните.

„Гледаме амбиција кај актуелната влада и поддршка од општеството за спроведување на овие реформи“, рече европратеникот.

Уставните измени како клучен услов
Главен услов, како што рече Вајц, и понатаму останува усвојувањето на уставните измени за внесување на одредени малцинства во Уставот. Тој посочи дека е важно што во документот јасно се наведува дека билатералните прашања нема да бидат пречка за напредокот на преговорите кога станува збор за пристапувањето кон ЕУ.

Тој нотираше дека има напредок бидејќи бугарската и македонската страна почнале да разговараат и меѓу нив има разбирање дека заедничкиот интерес има предност пред некои други билатерални прашања.

„Сепак постои заедничка историја, култура, заеднички интереси и во безбедносна смисла, но и во однос на европската иднина, прашања што ќе ги надминат останатите отворени теми“, рече Вајц.

Европскиот парламент (ЕП) го усвои извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година на пленарна седница во Стразбур. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа против.

Во извештајот, ЕП ја нагласува својата целосна поддршка за посветеноста на Северна Македонија кон членството во ЕУ, потенцирајќи дека напредокот во пристапните преговори зависи од спроведување на длабински и одржливи реформи. Европратениците изразуваат жалење за ограничениот напредок од претходниот извештај, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.

Амандманот 3, предложен од известувачот Томас Вајц, беше отфрлен. Со него се предвидуваше бришење на ставот 73 од резолуцијата. Но, повеќето пратеници изгласаа тој да остане во текстот.

Во интервју за телевизијата „Канал 5“, Вајц изјави дека жали што билатералните прашања меѓу Скопје и Софија станале дел од извештајот, оценувајќи дека тие не требало да бидат вклучени во документ што го мери европскиот напредок.

Во членот 73 се наведува следното: „Силно ја повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, формирана како резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да постигне јасни и опипливи резултати; нагласува дека текстовите треба да ја одразуваат интерпретацијата на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа, врз основа на објективни, автентични и докази поткрепени со историски извори и документи, научна интерпретација и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол кон Договорот со Бугарија“

 

 

DW