Уапсени пет лица поради кршење на санкциите против Русија

Сојузното обвинителство во Германија утрово (2.02) нареди апсење на пет лица, кои се обвинети за планско прекршување на трговското ембарго кон Русија. Според обвинението, мажите преку мрежа од фиктивни компании прикривале пратки од Либек упатени кон Русија. Притоа, меѓу другото, станува збор за механички и технички делови за руската воена индустрија.

Пратките првично биле прикажувани како договори меѓу две фирми во покраината Шлезвиг-Холштајн, а потоа преку заобиколни патишта и земји внатре и надвор од ЕУ завршувале во Русија. Според Сојузното обвинителство, особено тешко е тоа што дел од примателите биле директно руски компании од одбранбената индустрија.

Околу 16.000 прекршувања на ембаргото
Во налозите за претрес и притвор првично се наведени околу 75 случаи на незаконски извоз. Но, внатрешни проценки на царината, полицијата и обвинителството укажуваат на околу 16.000 прекршувања на ембаргото и на вредност на нарачките од десетици милиони евра. Иследниците се сомневаат дека зад прекршувањата стоеле руски државни структури.

Меѓу уапсените, според информации на СВР, е и Никита С., маж со германско и руско државјанство, кој се смета дека стои зад извозната фирма во Либек. Тој бил уапсен при негово влегување во Германија.

Претреси во домови и деловни простории
Претреси биле извршени кај него, кај останатите четворица уапсени осомничени, како и кај други лица кои исто така се обвинети, но сè уште се на слобода.

Според Сојузното обвинителство, во истрагата покрај полицијата биле вклучени и царината и Сојузната разузнавачка служба (БНД).

Претрес е направен во домови и деловни простории во Либек, округот Херцогтум Лауенбург, Северозападен Мекленбург, Нирнберг, Остхолштајн и Франкфурт. Осомничените се делумно германски државјани, дел имаат германско и руско државјанство, а еден од нив германско и украинско државјанство. Тие утре треба да бидат изведени пред истражен судија, кој ќе одлучи за притворот.

 

 

 

DW