Украина: Безбедносни гаранции како алтернатива за НАТО?

Една од главните теми на разговорите во Берлин од 14 и 15 декември беа безбедносните гаранции кои Украина би требало да ги добие во случај на мировен договор со Русија. Покрај европските шефови на држави и влади, во разговорите учествуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски, специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер. Учесниците потоа разговараа телефонски и со американскиот претседател Доналд Трамп. Германскиот канцелар Фридрих Мерц и Володимир Зеленски позитивно ги оценија резултатите од разговорите. „Од американска страна чувме дека се подготвени да дадат безбедносни гаранции што соодветствуваат на членот 5 од договорот за НАТО“, посочи Зеленски на заедничката прес-конференција со Мерц.

Правно обврзувачки безбедносни гаранции
Во заедничката изјава на европските шефови на држави и влади се зборува за „мултинационални сили за Украина“, кои би ги предводела Европа, а кои би биле составени од војници на земјите кои се подготвени да ги стават на располагање. Нивната задача би била да ги растеретат украинските вооружени сили и да им помогнат во обезбедувањето на воздушниот простор и поморските рути во Црното Море. Ветувањата содржани во декларацијата вклучуваат и механизам за надзор на прекинот на огнот, кој би го предводеле САД со меѓународно учество, како и правна обврска на земјите, да преземат мерки за враќање на мирот и безбедноста во случај на каков било вооружен напад врз Украина.

Новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на свои извори, објавува дека Зеленски за време на разговорите во Берлин се согласил да се откаже од членството на Украина во НАТО во замена за безбедносни гаранции од Западот, но нејасно е како би требало да изгледаат таквите гаранции. „Таквите мерки би можеле да вклучат употреба на вооружени сили, разузнавачка и логистичка поддршка, како и економски и дипломатски мерки“, се наведува во соопштението. САД до сега уште немаат заземено официјален став во врска со ова прашање. Висок член на американскиот преговарачки тим, според новинската агенција АФП, рекол дека предложените гаранции се „навистина силни“ и укажал на „многу ефикасно одвраќање“ на Русија со помош на американско вооружување. Но, како што нагласува, не станува збор за распоредување на американска војска.

Член 5 од договорот за НАТО не е магично стапче
Сузан Стјуарт од Фондацијата за наука и политика смета дека изјавата на Европејците со конкретно наведени мерки е „многу важна“ за Украина. Според неа, споменатите потенцијални безбедносни гаранции се слични на оние што членките на НАТО ги имаат врз основа на Членот 5 од Договорот за Алијансата. Имено, во него сојузниците се обврзуваат да обезбедат поддршка на земја-членка во случај на напад. „Член 5 од Договорот за НАТО не предвидува дека на напад мора да се одговори исклучиво со воени средства, туку дека секоја земја треба да ги користи средствата што ги смета за потребни и исправни“, нагласува експертот во интервју за ДВ. Според Стјуарт, треба да се сочека деталите за гаранциите ветени на Киев да бидат објавени, за да се проценува што всушност значат. „Но, сметам дека е многу важно што овој чекор се презема сега – да се наведат точките и да се каже дека ние како Европјани сме подготвени за ова.“ Европската изјава укажува на тоа дека веќе се постигнати „одредени договори со САД“, сметаа Стјуарт. Но, експертот за безбедност од Германскиот Маршалов фонд, Клаудија Мајор, смета дека безбедносните гаранции што се разгледуваат за Украина не може да се споредат со оние на земјите од НАТО. „Тоа е поддршка, но не и законска обврска да се брани Украина во случај на нов напад“, вели таа за првата програма на германската телевизија. Според Мајор, од тоа што моментално се знае не може да се заклучи специфична реакција на евентуален нов руски напад. „Дали тогаш би дошле војници? Дали некој би дошол да ја брани Украина, како во НАТО? Тоа не е случај“, анализира Мајор.

 

 

DW