Јордан во клештите на конфликтот меѓу САД и Иран

Сирените за воздушни напади повторно се огласија во делови од Јордан во вторникот изутрина (21.07) откако ирански ракети беа насочени кон земјата. „Системот за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретна и собори три ракети лансирани од територијата на Иран во јорданскиот воздушен простор насочени кон кралството“, соопштија од јорданската војска. Немало повредени, но најновите напади уследија по серија инциденти што во изминатите денови го зголемија притисокот врз еден од најблиските арапски сојузници на САД. Минатата недела во ирански ракетен напад врз американска база во Јордан беа убиени двајца американски војници и повредени околу 30 припадници на американската војска.

И Јордан е мета на Иран
Јордан е една од осумте арапски земји во кои се наоѓаат американски воени објекти. Некои од другите земји домаќини, особено земјите од Персискиот Залив, се мета на ирански напади откако САД и Израелзапочнаа заеднички напади врз Иран кон крајот на февруари. Иран кратко потоа лансираше ракети кон Јордан, па уследи период без директни напади врз кралството. Во меѓувреме, Јордан помогна во пресретнувањето на иранските проектили насочени кон Израел, тврдејќи дека го прави тоа за да го заштити сопствениот воздушен простор. „Иран си го задржува правото да возврати на секоја држава во регионот што има американски воени бази или воени капацитети на своја територија, а Јордан е една од нив“, објаснува за ДВ Ервин ван Вин, виш соработник во Институтот Клингендал во Хаг.

„Но, опциите на јорданскиот крал Абдула Втори се многу ограничени бидејќи Јордан во голема мера зависи од САД, и на воен и на економски план“, додава тој. Јордан во неделата во првата голема дипломатска ескалација, го повика иранскиот амбасадор во Аман и побара итен прекин на она што Министерството за надворешни работи го опиша како „неоправдани и отворени ирански напади“.

Јордан меѓу политика и економија
САД се најголемиот поединечен странски партнер на Јордан. Врз основа на седумгодишниот Меморандум за разбирање потпишан во 2022 година, Вашингтон се обврзува дека ќе му обезбеди на Јордан 1,45 милијарди долари (околу 1,27 милијарди евра) економска и воена помош годишно. Американскиот Конгрес во 2025 година сумата ја зголеми на 1,65 милијарди долари, трипати повеќе отколку во 2010 година. Покрај тоа, Договорот за соработка во одбраната потпишан во јануари 2021 година им дава на американските сили формален пристап до јорданските воени објекти.

Според неодамнешен извештај, околу 4 илјади американски војници моментално се распоредени во Јордан, повеќе отколку во претходните години. Сепак, јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, во март тврдеше дека во земјата нема странски воени бази. Кели Петило, раководител на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Европскиот совет за надворешни односи, смета дека една од причините за намалувањето на американското воено присуство е силното противење на дел од јавноста.

„И покрај напорите на Јордан да остане неутрален во оваа војна, постоечките сојузи како оној со САД, не само што влијаат на и онака кревката безбедност на земјата, туку предизвикуваат и незадоволство кај граѓаните“, вели таа за ДВ.

 

 

DW