Исполнетоста на реформи во регионот е 75%, но еврокомесарката за проширување Марта Кос побара лидерите да се посветат на остатокот. Добра вест за Кос е што и Босна и Херцеговина ја усвоила реформската агенда. Членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот, порача Кос, но македонскиот премиер Мицкоски е повнимателен затоа што, вели, нема гаранции оти уставните измени се последните отстапки што се бараат од Северна Македонија.
Секое едно евро од шесте милијарди да се потроши на земјите од Западен Балкан, посака еврокомесарката за проширување Марта Кос која во Скопје на 30 јуни и 1 јули учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан посветен на Планот за раст.
На балканските лидери, таа им испрати јасна порака – ако не испорачаат реформи, нема да добијат ни пари.
„Парите што ги користиме во овој инструмент за сите земји од Западен Балкан ќе бидат достапни до крајот на 2027 и ако не ги искористиме, ако земјите не успеат да ги апсорбираат, јас ќе морам да ги вратам парите во буџетот на ЕУ. Мислам дека има подобри решенија од тоа, ако вие ги испорачате реформите, ние поскоро би ги дале вас отколку да ги вратиме во буџетот на ЕУ“, рече Кос на заедничка прес-конференција со домаќинот на лидерската средба, премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Од регионот, на настанот во Скопје присуствуваа и премиерите на Косово и Албанија – Албин Курти и Еди Рама. Од Босна и Херцеговина допатува претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, додека делегацијата на Србија ја предводи министерот за евроинтеграции Немања Старовиќ.
slobodnaevropa.mk




