Првично, заинтересираноста на актерот Биковиќ за инвестирање во Берово ја најави премиерот Мицкоски на заедничка средба во Владата. Во екот на изборната кампања беа објавени фотографии од неговата посета на Беровското езеро, каде се наоѓа детското одморалиште „Малешево“, кое три децении е под клуч
Милош Биковиќ, актерот со двојно, српско и руско државјанство, чии семејни корени потекнуваат од градот Берово, покажал интерес да го купи детското одморалиште „Малешево“.
Ова во разговор за РСЕ го открива победникот на локалните избори за градоначалник во општина Берово од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ружински, откако пред две недели, во ек на изборната кампања, напиша на Фејсбук дека посетата на Биковиќ на градот од кој потекнува неговиот дедо, не била само од пријателски карактер, туку се разговарало и за „реализација на досега најголемата поединечна инвестиција во општината“, без притоа да открие за што точно станува збор.
Kандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека не му е познат инвестицискиот план на Биковиќ, кому српскиот актер му даде поддршка во текот на кампањата за локалните избори. Ружински за РСЕ вели дека интересот на Биковиќ е насочен кон детското одморалиште „Малешево“.
„Тука не може да има ништо договорено. Процесот секако треба прво да оди на тендерска постапка после изборите. Ќе се распише оглас, ќе се лицитира. Кој ќе го добие – ќе видиме. Постои предвидена законска постапка која треба да се следи. Оставаме на министерството и на Владата да го водат процесот„ изјави Ружински.
Во каква форма најверојатно ќе биде инвестицијата првично најави премиерот Христијан Мицкоски, кој објави заедничка фотографија од средба со Милош Биковиќ во зградата на Владата.
„Разговаравме за неговата иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово. Ме радува неговата иницијативност и љубов кон Берово и Македонија. Така се почитуваат своите корени“, напиша Мицкоски на 15 септември.
Инаку, македонската Влада силно ја осуди руската воена агресија и ја поддржува Украина.
РСЕ се обиде да стапи во контакт со Биковиќ на две мејл адреси и да го праша лично за неговиот интерес и планови за инвестирање во Берово, но, не добивме повратен одговор.
slobodnaevropa.mk




