Американскиот претседател Доналд Трамп го напушти Пекинг во петокот по важниот самит со кинескиот лидер Ши Џинпинг.
Трамп полета со претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ околу 14:40 часот (по локално време) од Меѓународниот аеродром во Пекинг , упатувајќи се кон Вашингтон.
Двајцата претседатели претходно ги завршија последните меѓусебни разговори, тврдејќи дека е постигнат значаен напредок во стабилизирањето на односите меѓу двете земји иако длабоките разлики меѓу двете најголеми светски сили остануваат во прв ред по прашањата како Иран и Тајван,
Ши го пречека Трамп во неговата официјална резиденција, Џунгнанхај, во петокот за последните разговори од самитот пред враќањето на американскиот лидер во Вашингтон. Лидерите направија кратка прошетка низ дворот со древни дрвја и кинески рози пред заедничкиот ручек, на кој придружувани од врвни советници и преведувачи, разговараа речиси три часа пред американскиот лидер да ја заврши својата тридневна посета на Кина.
„Навистина беа одлични неколку дена,“ им изјави Трамп на новинарите додека седеше со Ши пред почетокот на нивната средба.
Ши, од своја страна, ја нарече посетата „пресвртна“. „Воспоставивме нов билатерален однос, или поточно конструктивен, стратешки и стабилен однос,“ рече тој.
Партнери а не соперници
Вчерашниот ден во Пекинг започна по вкус на Доналд Трамп: воени почести, национални химни и црвени теписи, со кинески деца кои му аплаудираа нему и на Ши. Кога кинескиот шеф на државата и партијата го пречекаа пред Големата сала на народот, Трамп беше во одлично расположение. Зборовите упатени до домаќинот личеа на пофални зборови.
„Имам голема почит кон Кина и работата што ја завршивте“, рече американскиот претседател, свртен кон Ши Џинпинг. „Вие сте одличен лидер. Тоа е она што им го кажувам на сите: Вие сте голем лидер.“
Ши се насмевна на зборовите на Трамп, но реагираше со кинеска воздржаност. „Кога нашите земји соработуваат, двете имаат корист; кога сме во конфликт, двете страдаме“, рече шефот на државата. „Кина и САД треба да бидат партнери, а не соперници, и да си помагаат заеднички за да бидат успешни заедно.“
DW




