„Безбеден град“ доби зелено светло: казнување од 1 февруари

Собранието денеска, со 81 глас „за“ и 19 „против“, го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци по скратена постапка. Со ова се отвора патот за официјален старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, кој ќе почне да функционира од 1 февруари.

По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше спроведено номинално – секој пратеник гласаше поединечно. За Законот беше потребно двотретинско мнозинство.Пратениците на ДУИ и СДСМ не гласаа за законските измени.

Од 1 февруари – казни за четири прекршоци
Измените предвидуваат зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку примена на технички средства и уреди за снимање, кои ќе овозможат брзо и ефикасно утврдување и санкционирање прекршоци. Очекувањата се дека постапките ќе бидат побрзи, а мерките ќе влијаат на генералната превенција и намалување на несреќите воМакедонија.

Во првата фаза системот ќе регистрира четири категории прекршоци:

пречекорување на дозволената брзина,
минување на црвено светло,
истечена важност на сообраќајна дозвола,
непрописно запирање и паркирање.

Во следната фаза се предвидува проширување на прекршоците кои ќе се санкционираат автоматски. По утврдување на прекршок, сопствениците на возилата ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Плаќањето ќе може да се врши електронски, а при навремено плаќање нема да се пресметуваат дополнителни трошоци.

За прекршоци за кои е пропишана забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Плаќање казни со попуст и нова апликација
Граѓаните ќе можат да платат половина од предвидената казна во рок од осум дена од прием на известувањето.

Казните ќе може да се плаќаат во банка, во најблиска полициска станица,преку електронски банкарски апликации и преку нова апликација на МВР со засилени безбедносни механизми.

 

 

DW