Аферата со наводно шпионирање во претседателскиот кабинет и натаму ја бранува јавноста иако интензитетот се пресели од јавната сфера во политичките и безбедносните кулоари. Обвинителството, и покрај прозивките, продолжува да го истражува случајот.
„Обвинителството не се впушта во коментирање на изјави на политички актери, носители на јавни функции или други институции“, изјавија за ДВ од Обвинителството за гонење на организиран криминал по реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски дека шефот на тоа обвинителство Ислам Абази едвај чекал „да истрча и да создаде паника во јавноста”.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од една страна негира, а од друга потврдува дека има таков случај. Таа во петокот (22.05) во ТВ-интервју рече дека не постои шпионска афера и дека во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци.
„Сите документи од доверлив или строго доверлив карактер ги добивам само јас и тоа во хартиена форма, ги читам, пакувам и ги давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат – државна тајна. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата“, рече таа.
Претседателката притоа цинично искоментира дека во такви услови „шпионажата може да биде од балкански тип ‘сомнително лице’ од Нушиќ“, и рече дека „нема тука можност ни за Агата Кристи ни за Џорџ Сименон“.
Но Сиљановска-Давкова истовремено и додаде: „Во моментот кога јас дознав дека има укажување за еден од вработените за упад во компјутерот, се јавив во МВР“.
Притоа, таа го искритикува Обвинителството зошто го изнело случајот во јавност. „Сите дејствија во предистражната постапка се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи?“, рече Претседателката.
Безбедносни авторитети со кои разговараше ДВ предупредија дека Северна Македонија како членка на НАТО, покрај привилегиите, има и огромна одговорност кога е во прашање сопствената и безбедноста на земјите членки на НАТО.
„Тоа подразбира почитување на високите стандарди на Алијансата, особено кога станува збор за проверките на лица кои имаат допир со класифицирани документи и доверливи информации“, вели професорот од Факултетот за безбедност д-р Марјан Николовски, кој е член и на Советот за граѓански надзор над законитоста на спроведување на мерките за следење на комуникациите.
DW




