„Пласманот на Мундијалот е навистина фасцинантен успех за репрезентацијата на Босна и Херцеговина и може единствено да се спореди со историското патување на Светското првенство во Бразил во 2014 година“, вели пензионираниот спортски новинар Салих Хаџиалиќ за Радио БиХ.
Тој своевремено известувал дури од четири светски првенства. За ДВ оценува дека патот до овој резултат бил трнлив, особено по тешките порази во подготвителните натпревари против Германија и Англија, по што се бараа и оставки од селекторот Сергеј Барбарез и неговите соработници, а никој не можеше ниту да поверува во конечниот триумф преку баражот.
Синергија на стручност, логистика и авторитетот на капитенот
Според Хаџиалиќ, клучот за успехот лежи во синергијата на професијата и логистиката. „Ова е резултат на упорноста на стручниот штаб, но и на големата работа што ја заврши техничкиот сектор – мислам на директорот Емир Спахиќ и скаутот Саша Папац. Тие бараа млади момчиња кои имаат квалитет и кои се согласија да играат за нашата репрезентација“, нагласува Хаџиалиќ.
Тој додава и дека упорноста, карактерот и капитенскиот авторитет на Барбарез биле клучни за тоа неговите поранешни соиграчи да се фокусираат на заедничката цел. Самата завршница на квалификациите имаше драматичен тек кој бараше огромен ментален и физички напор од тимот, вели новинарот во пензија.
Од драмата во Зеница до селекција без калкулации
„Поминавме низ баражот, го победивме Велс во Кардиф по пенали, а потоа и четирикратниот светски шампион Италија во Зеница. Тоа беше натчовечки напор и капа долу за играчите, Барбарез, но и за искусните лидери како Џеко и Колашинац“, нагласува Хаџиалиќ.
Одговарајќи на прашање за критериумите за избор на нови играчи, Хаџиалиќ категорично ја отфрла можноста за какви било вонспортски калкулации, наведувајќи дека стручниот штаб се водел исклучиво од спортски мотиви и талент. „Мислам дека Барбарез воопшто не играше на картата на националност, туку на талент и квалитет, што на крајот резултираше со голем успех“, вели тој.
Фудбалот како сврзна сила посилна и од политиката
Еуфоријата и масовните прослави што следеа по победата над Италија, според мислењето на Хаџиалиќ, ја покажале општествената сила на фудбалот во повеќето босански градови – и покрај политичките и другите поделби.
„Овие наши фудбалери прават повеќе за обединувањето на Босна и Херцеговина од кој било политичар. Што се однесува до регионот, ме бараа пријатели и колеги од Белград, Црна Гора, Хрватска… И сите велат: ‘Секоја чест, навиваме за Босна’. Верувам дека цела поранешна Југославија ќе има симпатии за нас на првенството“, вели Хаџиалиќ.
Генерациска смена и оптимизам пред Торонто
„Самото учество на првенството е огромен и неочекуван успех. Сè над тоа е бонус. Се надевам дека ќе се претставиме на најдобар можен начин и дека светот, покрај легендите како Сушиќ, Баждаревиќ или Хаџибегиќ, ќе запознае и нови момци: Бајрактаревиќ, Алајбеговиќ, Катиќ, Дедиќ… Со Џеко како предводник, верувам во успех“, заклучува Салих Хаџиалиќ.
Во пресрет на првиот натпревар на Светското првенство против домаќинот Канада во Торонто, поранешниот голман на репрезентацијата на Босна и Херцеговина, Асмир Беговиќ, кој беше голман и на канадската младинска репрезентација, па оттаму добро ги познава двата тима и фудбалскиот менталитет, смета дека двата тима имаат еднакви шанси за победа.
Иако предвидува врвна атмосфера и голема поддршка, како за домашната екипа, така и од босанската дијаспора на трибините, Беговиќ нагласува дека фокусот на тимот мора да биде исклучиво на теренот и на натпреварувачката цел. „Но, секако дека мора да се стремиме да освоиме некој позитивен бод. Мислам дека исходот на натпреварот е целосно отворен и дека нема јасен фаворит. Се работи за две добри екипи и сè е можно. Ако одиграме како што знаеме и со малку среќа, мислам дека може да постигнеме позитивен резултат“, оценува тој.
DW




