Бранот на екстремни жештини во Франција од четврток наваму однесе најмалку 40 животи поради давење при капење. Жртвите, според изјавата на премиерот Себастијан Лекорну во вторникот, во најголем дел се млади лица.
Министерката за спорт Марина Ферари предупреди дека луѓето, барајќи разладување, не треба да влегуваат во необезбедени или опасни води, како што се канали и реки.
Во меѓувреме, во југоисточниот град Карпентра, две деца на возраст од две и четири години трагично починаа. Според обвинителството, нивната мајка ги пронашла без свест во автомобил во понеделникот. Итната служба безуспешно се обидела да ги реанимира.
Рекордни температури и црвен аларм
Француската метеоролошка служба за вторникот прогнозираше температури од околу 40 степени Целзиусови во голем дел од земјата, додека во западните региони се очекува тие да достигнат и до 43 степени.
Франција веќе забележа најжешко попладне и најтопла ноќ од почетокот на мерењата во 1947 година. За 54 департмани властите прогласија највисоко ниво на предупредување – црвен аларм, што метеоролозите го оценија како без преседан.
Жештините зафаќаат и други делови од Европа
Слични екстремни временски услови се чувствуваат и во други делови на Западна и Јужна Европа.
Во Италија, Министерството за здравство прогласи највисок степен на предупредување за 15 градови. Во Шпанија, метеоролошката служба предупреди за опасни горештини со температури до 44 степени Целзиусови во одредени области.
DW




