Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Западен Балкан е дел од европското семејство, но дека во регионот расте недовербата дека во блиска иднина ќе стане дел од Европската Унија, што, како што предупреди, носи опасност од „враќање во старите времиња на непријателства и зголеменото влијание на Русија и Кина“.
„Западен Балкан е дел од европското семејство. Затоа за нас е јасно: патот кон ЕУ ќе го поминеме заедно со шесте земји од регионот“, изјави Вадефул во пресрет на министерскиот состанок за Западен Балкан во замокот Хилсборо кај Белфаст, соопшти германското Министерство за надворешни работи.
На состанокот, покрај министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан, учествуваат и министри или високи претставници од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други држави.
Дводневниот министерски состанок се одржува во рамки на Берлинскиот процес и има за цел да го подготви самитот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон на 22 октомври.
slobodnaevropa.mk




