Владата се откажа од купување нов владин авион, ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата се откажува од набавката на нов службен воздухоплов по критиките упатени од СДСМ, иако, како што нагласи, авионот би го користеле и идни влади, а не само актуелната.

Мицкоски истакна дека одлуката е донесена за да се избегнат дополнителни политички тензии, но предупреди дека прашањето за безбедноста и функционалноста на постојниот авион останува отворено.

„Ако се урнеме и починеме, тогаш ќе стане јасно зошто ни треба нов авион“, изјави премиерот, алудирајќи на состојбата на сегашниот воздухоплов.

Тој воедно го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека не го испочитувал договорот од лидерската средба, според кој, како што тврди Мицкоски, опозицијата немало да ја критикува Владата за евентуалната набавка на нов авион.

СДСМ преку писмено соопштение реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со користењето на владиниот авион, обвинувајќи го за лицемерие и неодговорно трошење на јавни средства.

Од партијата велат дека „многу тажната приказна на премиерот ја довела до солзи половина Македонија“, алудирајќи на неговото образложение дека авионот бил набавен за хуманитарни цели. Според СДСМ, премиерот треба да објасни дали личните патувања на море со владиниот авион ги смета за „хумани“.

 

 

 

skopjeinfo.mk