Воените конфронтации меѓу САД и Иран засега повторно се запрени

По неодамнешните воени судири, САД и Иран се чини дека повторно се обидуваат по дипломатски пат. Владата во Вашингтон чека одговор од Техеран на американскиот предлог за окончување на војната со Иран. Според Волстрит џурнал, преговорите меѓу спротивставените страни со посредство на Пакистан би можеле повторно да се одржат во Исламабад следната недела. Плановите за нови рунди разговори во пакистанскиот главен град неодамна повеќепати пропаѓаа.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот (8 мај, 2026) вечерта (локално време) во Вашингтон дека неговата администрација очекува одговор од Иран истата вечер. На прашањето дали Иранците ги одложуваат разговорите, Трамп рече: „Тоа наскоро ќе го дознаеме“. Пред тоа, и американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека очекува одговор од Иран и дека се надева дека ќе биде сериозен. Иранската влада пред неколку дена објави дека го разгледува американскиот предлог.

Во четвртокот, Иран и САД, и покрај прекинот на огнот, повторно се нападнаа меѓусебно: Иран нападна американски воени бродови во Ормускиот теснец со ракети и моторни чамци, додека САД таргетираа цели на иранска територија.

Проследено со закани, Трамп го повика Техеран „брзо“ да го потпише мировниот договор. Сепак, примирјето е сè уште важечко и покрај нападите. Иранската армија објави во петокот вечерта дека судирите завршиле. „По некое време меѓусебно гранатирање, борбите засега престанаа и ситуацијата е мирна“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на неименуван воен извор.

Декларацијата треба да создаде рамка за 30 дена преговори
Белата куќа во моментовго чека одговорот на Иран на предложената декларација за намери од 14 точки. Целта е, меѓу другото, да се воспостави рамка за преговори кои би траеле 30 дена и би воделе кон крај на војната. Според медиумските извештаи, се разгледува и ублажување на американските санкции, како и договори за иднината на Ормускиот теснец. Исто така, треба да се постави основа за преговори за спорната нуклеарна програма на Иран.

Според Волстрит џурнал, Иран за прв пат покажа подготвеност да разговара за својата нуклеарна програма. Весникот натаму наведува, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, дека предлогот предвидува и Иран да ја олабави својата контрола врз стратешки важниот Ормуски теснец. За возврат, САД ќе ја ублажат блокадата на иранските пристаништа за време на 30-дневните преговори. Доколку преговорите напредуваат, овој период би можел да се продолжи со меѓусебен договор.

 

 

DW