Џамијата Бања Баши во главниот град на Бугарија, Софија, е еден од најстарите муслимански верски објекти во Европа. Изградена во 16 век, таа потсетува на речиси пет века османлиска власт над претежно христијанската православна земја.
Денес во Бугарија живее најголемата турска заедница на Балканот. Според последниот попис од 2021 година, етнички Турци се околу 500 илјади жители, односно осум проценти од околу 6,5 милиони жители на земјата.
Повеќето од нив се потомци на турски доселеници кои во Бугарија дошле во 14 и 15 век за време на османлиското царство. Оваа претежно сунитска муслиманска заедница живее главно во јужните и североисточните провинции на земјата. Припадниците на ова малцинство сè уште зборуваат турски, за разлика од муслиманите што зборуваат бугарски, познати како „Помаци“, кои веројатно потекнуваат од православни христијани кои конвертирале во ислам.
Соживот со соседите
И меѓу речиси 750-те илјади бугарски Роми има муслимани, а по мигрантската криза во 2015 година, во земјата емигрираа и муслимани од Блискиот Исток и Авганистан.
Според анкета од 2017 година на политикологот Евгенија Иванова од Новиот бугарски универзитет во Софија, околу 89 проценти од бугарските муслимани се доживуваат како религиозни.
„Сепак, начелно религиозноста е релативно малку изразена во Бугарија“, вели за ДВ Марина Лиакова, социолог на Педагошкиот универзитет во Карлсруе. Таа спровела истражување за миграцијата и верата во Бугарија. „И кај христијаните и кај муслиманите повеќе се работи за религиозност како одлика на културата“, продолжува таа. Повеќето муслимани се придржуваат кон месецот на постот Рамазан, но одењето во џамија на петочна молитва е прилично невообичаено. Жени со шамии ретко има меѓу бугарските муслимани.
„Христијаните и муслиманите си влијаеле меѓусебно на полето на културата, јазикот и кулинарството во текот на петвековното отоманско владеење“, вели Лиакова. „Во секојдневието има комшиски соживот и пријателска коегзистенција“, додава таа.
Сепак, има и негативни ставови спрема исламот со оглед на неодамнешната миграција од Сирија и Авганистан – и затоа што тој потсетува на владеењето на Османлиите.
DW




