Евакуацијата на македонските граѓани од Блискиот Исток е целосно завршена, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. По две недели од почетокот на процесот, во земјата се вратени вкупно 605 македонски државјани, кои побарале помош за напуштање на кризните региони.
Петти чартер-лет со 147 патници слета во Скопје
Во вторникот (17.03) на Меѓународниот аеродром „Скопје“ пристигна петтиот чартер-лет,со вкупно 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странци. Летот беше реализиран од Дубаи и претставува трет организиран лет од Обединетите Арапски Емирати. Претходно беа спроведени евакуациски летови од Шарм ел Шеик и Ријад.
Сите летови беа планирани и реализирани како специјални чартер-операции, при што трошоците беа во целост покриени од државата.
СОС линијата и дипломатските мисии остануваат активни
„Со ова државата покажа подготвеност навремено да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на своите граѓани, но и да покаже солидарност кон пријателските земји во регионот и пошироко“, соопшти МНР.
Ресорното министерство информираше дека иако евакуацијата е завршена, СОС телефонот и дипломатско-конзуларните претставништва остануваат во постојана приправност за евентуални нови барања за поддршка.
Евакуацијата започна на почетокот на март. Владата издвои речиси еден милион евра за чартер-летови за евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток.
DW




