Втор круг локални избори за градоначалници во 33 општини

Во вкупно 33 општини, вклучително и Градот Скопје, денеска (2 ноември) се одржува вториот круг од локалните избори во кој треба да се изберат градоначалници за следниот четиригодишен мандат.

Сите изборачки места се навреме отворени, а гласањето тече во најдобар ред и без проблеми, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Поради технички проблеми со уредот за биометриска идентификација имало мал застој во гласањето на избирачкото место 0385 во Дојран, но проблемот е решен и сега гласањето тече без проблем, уверуваат од ДИК.

Одзивот на гласачи до 11:00 часот изнесува 10,10 проценти. Најмала излезност има во општината Сарај – 1,86 отсто, а најголем одзив е регистриран во општината Пробиштип, каде што гласале 22 отсто од избирачите.

Излезноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти, а податоци се добиени од 611 избирачки места или 89,20 проценти.

Инаку право на глас имаат 1 013 375 граѓани.

Втор круг се одржува онаму каде што ниту еден од кандидатите не освои 50% плус еден глас од вкупниот број гласови. На гласачките ливчиња се наоѓаат двајцата најдобропласирани од првиот круг.

Општините и градовите каде што денеска се избира градоначалник во втор круг се: Скопје, Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.

 

 

slobodnaevropa.mk