Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека регулирањето на социјалните медиуми може да помогне во спречување на „дефицити на личноста и проблеми со социјалното однесување на младите луѓе“. Шпанскиот премиер Педро Санчез сака да ги заштити децата од „дигиталниот Див Запад“. А, францускиот претседател Емануел Макрон инсистира дека „емоциите на нашите деца и тинејџери не се на продажба, ниту смее да бидат предмет на манипулација“. Иако ниту една европска земја сè уште нема во целост воведено забрана за социјални мрежи за деца, намерата е јасна и процесот на забранување е во тек. Норвешка, Грција, Обединетото Кралство, Данска, Италија и Холандија се меѓу голем број европски земји кои размислуваат за некаков вид забрана, додека и во ЕУ сè повеќе нештата се движат во таа насока. Многу влади веројатно ќе се потпрат на искуството на Австралија, која во декември минатата година ја воведе првата забрана за социјални медиуми во светот, за лица под 16 години. Политиката се потпира на надзорот од самите компании за социјални мрежи. Платформи како Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок, Јутуб и Редит кој поднесе тужба против забраната, сега имаат ограничувања на возраста, додека онлајн игрите и апликациите за допишување како Воцап не се опфатени со забраната.
Владината комесарка за е-безбедност, Џули Инман Грант, минатиот месец извести дека компаниите за социјални мрежи „го отстраниле пристапот до околу 4,7 милиони профили идентификувани како деца под 16 годишна возраст и тоа во првата половина на декември“, но обновени податоци на прашање од ДВ, не беа доставени.
Ударните цифри не ја отсликуваат целата приказна
Тама Ливер, професорка по интернет студии на Универзитетот Куртин во Перт, за ДВ вели дека овие импресивни бројки, кои го привлекоа вниманието на многумина во Европа, не мора нужно да ја доловуваат целата слика. „Немаме детална анализа на бројката, ниту знаеме колку нови профили – веројатно од тинејџери кои се претставуваат како постари луѓе – биле отворени во истиот период“, вели тој. Тој додаде дека според анегдотските податоци „многу млади на возраст од 13 до 15 години се чини дека ја заобиколиле забраната, додека други биле блокирани на некои платформи, но не и на други“. Оваа проценка ја потврдуваат медиумските извештаи и други експерти. „На техничко ниво, ограничувањата и непрецизноста на обидите за верификација на возраста преку селфиња и други алатки, беа во огромна мера подеднакво несигурни како што многумина очекуваа однапред“, вели Ливер.
Дали владите пребрзо го следат примерот во Австралија?
Бранот европски земји, како и други ширум светот како Индија и Малезија, кои сакаат да го следат примерот на Австралија, ја изненади Сузан Сојер од најголемиот австралиски истражувачки центар за детско здравје, Институтот за истражување на децата „Мердок“.
„Очекував дека ќе има многу повнимателно следење на резултатите од австралиската забрана пред владите да се вклучат толку брзо“, вели таа за ДВ и додава дека „не знаеме какви ќе бидат ефектите од забраната и треба внимателно да го оцениме. Владите треба да бидат внимателни да не помислат дека забраните на социјалните медиуми се магично решение за овој проблем“. Ливер се согласува дека Европа за сега треба да го следи развојот на ситуацијата. „Никој вистински не знае каква разлика ќе направи забраната, но со сигурност знаеме дека ќе поминат години, а не месеци, пред да се случи каква било мерлива културна промена – ако воопшто дојде до тоа. Би имало многу повеќе смисла другите земји да почекаат и да видат што ќе се случи во Австралија и какви поуки може да се извлечат, пред да брзаат со сопствено непрецизно законодавство“, вели тој.
DW




