Страв, паника и драма утрово доживеале станари на нова станбена зграда на Трим и Лум во Кисела Вода, откако околу 05:00 часот избувнал пожар пред влезот на објектот, објави порталот „МКД.мк“.
Жители за МКД.мк посведочиле дека пожарот настанал откако се запалила електрична инсталација која, како што тврдат тие, била поставена од ЕВН и на која претходно извесен период биле изведувани работи.
Тие биле разбудени од полицијата, како и од силни детонации и звуци кои, како што велат, потсетувале на експлозии и се слушале дури до повисоките катови на зградата, додека во меѓувреме силен чад го исполнил влезот од зградата за само неколку минути.
Во паниката, семејства со мали деца и бебиња во раце трчале по скалите за да се спасат од чадот и огнот. Дел од нив излегле надвор боси и облечени само во пижами, без време да земат лични работи или документи.
„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа удари како бомби. Луѓето панично излегуваа од становите, не знаејќи што се случува. Многу беше страшно, преживеавме огромен стрес“, раскажувале вознемирени станари за МКД.мк.
Станарите стравуваат дека отстранувањето на штетите и враќањето во нормала би можело да потрае дури и до месец дена.
skopjeimfo.mk




