Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев се осудени на единствена казна доживотен затвор за грабнување и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
За кривичното дело грабнување, сите се осудени на 10 години затворска казна, а за стореното убиство на сите им е изречен доживотен затвор. Единствената изречена казна за сите обвинети е доживотен затвор, во која им се засметува времето поминато во притвор.
Пресудата беше изречена во Основниот кривичен суд Скопје по судски процес кој траеше 10 месеци.
Судскиот совет при Основен кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Kurir.mk




