Европските улици овој викенд беа исполнети со Иранци од дијаспората кои ликуваа по американско-израелските напади во кои беше убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
„Диктаторот е мртов. Ова е најдобриот ден во мојот живот“, изјави еден човек за ДВ додека танцуваше по улиците на Брисел.
На другата страна на градот, претставниците на ЕУ не се ништо помалку критични кон иранскиот режим. Тие воведоа низа санкции против Техеран поради кршење на човековите права и остро ги осудија неговите неодамнешни одмазднички напади врз земјите од Заливот.
Но сега се соочуваат со позната дипломатска дилема.
Дали американско-израелските напади, во кои загинал не само Хамнеи, туку, според Црвената полумесечина, и најмалку 555 ирански цивили, се во согласност со меѓународното право и поредокот заснован на правила, чиј носител ЕУ често тврди дека е? Портпаролите на ЕУ голем дел од брифингот во понеделникот (3.03) го поминаа избегнувајќи го токму тоа прашање од новинарите.
„Без глупави правила на ангажман“
Претседателот Доналд Трамп во понеделникот изјави дека САД „осигуруваат светскиот спонзор број еден на тероризмот никогаш да не добие нуклеарно оружје“ и работат на уништување на ракетните капацитети на Иран.
Но Вашингтон не се обиде да ги оправда нападите преку меѓународни рамки. Напротив, министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека САД дејствуваат „без оглед на тоа што велат таканаречените меѓународни институции“ — „без глупави правила на ангажман“.
Тој ги критикуваше „традиционалните сојузници“ на САД кои „се двоумат и негодуваат околу употребата на сила“.
Оваа порака ќе наиде на различен прием во поделена ЕУ.
Германија наспроти Шпанија?
Во Берлин, канцеларот Фридрих Мерц беше внимателен да не го критикува Вашингтон.
„Правните проценки според меѓународното право ќе постигнат релативно малку“ кога станува збор за политички промени во Иран, изјави тој во неделата (1.03).
„Сега не е време да им држиме лекции на нашите партнери и сојузници. И покрај резервите, делиме многу од нивните цели“, додаде Мерц.
Во Мадрид, пак, премиерот Педро Санчез зазеде поинаков тон.
„Ја отфрламе едностраната воена акција на САД и Израел, која претставува ескалација и придонесува за понеизвесен и понепријателски меѓународен поредок“, напиша тој во саботата.
Ниту правните експерти не се на иста линија.
Што вели меѓународното право?
За Марк Велер, професор на Универзитетот Кембриџ и директор на програмата за меѓународно право при Чатам Хаус, одговорот е јасен.
„Нема достапно правно оправдување за сегашниот, континуиран напад врз Иран“, изјави тој во неделата.
„Меѓународното право не дозволува употреба на сила како одговор на непријателски став на друга држава, освен ако нема вооружен напад“, напиша Велер во анализа.
„Ниту пак е дозволена употреба на сила како вооружена одмазда за минати провокации. Силата е дозволена само како последно средство, кога нема друг начин да се заштити државата од вооружен напад.“
Велер смета дека во одредени случаи може да биде законски употреба на сила за спасување население од сопствената влада, но дека бруталното задушување на протестите во Иран минатиот месец „веројатно сè уште не го достигнало прагот“ за странска интервенција.
DW




