Европската унија(ЕУ) не успеа да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија, кој требаше да биде воведен на четвртата годишнина од војната во Украина.
Унгарија го блокираше усвојувањето на одлуката.
„За жал, не постигнавме договор за 20-тиот пакет санкции. Ова е чекор назад и порака што не сакавме да ја испратиме денес. Сите разбираат дека дипломатијата е пожелна алатка, но по една година разговори сè уште немаме прекин на огнот. Не е Украина пречка за мирот, туку Русија“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на крајот од министерскиот состанок на 23 февруари.
Усвојувањето на најновиот пакет санкции против Русија не беше сигурно бидејќи амбасадорите на земјите-членки на ЕУ не постигнаа договор во текот на викендот.
ЕУ сакаше усвојувањето на 20-тиот пакет санкции како одговор на руската агресија врз Украина да се совпадне со четвртата годишнина од почетокот на војната, која се одбележува на 24 февруари.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе бидат во Киев, главниот град на Украина, за годишнината.
Според дипломатски извори, камен на сопнување е предлогот за целосна забрана на поморските услуги за руските танкери за нафта, кој, доколку биде усвоен, би го укинал ограничувањето на цените што го воспостави Групата 7 на крајот од 2022 година.
slobodnaevropa.mk




