Европската Унија разгледува три опции за задоволување на финансиските потреби на Украина, вклучувајќи заем со користење на замрзнати руски средства, за следната година и годината потоа, додека блокот се обидува да помогне во ублажувањето на ефектите од намалувањето на поддршката на САД за Киев.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 17 ноември ги наведе трите опции со кои се соочува блокот за да обезбеди финансирање за Украина за 2026 и 2027 година.
Во писмо до 27-те земји-членки на ЕУ, до кое имаше увид Радио Слободна Европа, опциите вклучуваат индивидуални заеми од земјите-членки на ЕУ, собирање пари од страна на ЕУ на пазарот и веќе дискутирани „заеми за репарација“ во кои Брисел би искористил 176 милијарди евра (204 милијарди долари) замрзнати руски државни средства за заем за Украина.
Во документот се наведува дека „јасно е дека нема лесни опции“ бидејќи „Европа не може да си дозволи парализа, ниту со двоумење ниту со барање совршени или едноставни решенија кои не постојат“.
Лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат за заемот за репарации кога разговараа за ова прашање во октомври, бидејќи Белгија, во која се наоѓаат поголемиот дел од руските суверени средства, беше загрижена за правни и политички дилеми околу ова прашање.
Според проценките на Европската комисија, нови пари мора да бидат достапни на почетокот на вториот квартал следната година. Со намалувањето на воената и финансиската поддршка од страна на САД, ЕУ вети дека ќе се засили и ќе ја пополни празнината.
slobodnaevropa.mk




