Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше дека доколку не може да се постигне дипломатски крај на војната за време на тековните мировни преговори, неговата земја ќе продолжи да се брани од целосна инвазија на Русија.
„Ако Русија го блокира сето ова, и како што реков, тоа зависи од нашите партнери, ако нашите партнери не ја принудат Русија да ја запре војната, ќе има друг пат: да се браниме“, рече тој на 3 јануари во пресрет на уште една недела на исполнета со дипломатија.
Претходно украинскиот лидер во своето новогодишно обраќање, посочи дека мировен договор со Русија не може да дојде „по секоја цена“.
„Што сака Украина? Мир? Да. По секоја цена? Не. Сакаме крај на војната, но не и крај на Украина“, рече Зеленски во телевизиското обраќање.
Американскиот претседател Доналд Трамп во ноември 2025 година го притисна Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки, кој многумина го сметаа за многу фаворизирачки за Русија.
Украина и нејзините европски сојузници, предводени од Велика Британија, Франција и Германија, се потрудија да развијат контрапредлог, на крајот предлагајќи план од 20 точки што ги опфаќаше повеќе интересите на Киев, особено безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.
Безбедносни гаранции, економско закрепнување
Зеленски зборуваше додека советниците за безбедност од 15 сојузници се состанаа во украинската престолнина, дискутирајќи за фините точки од мировниот план во развој, вклучувајќи ги и потенцијалните безбедносни гаранции за Украина.
Од сесијата се појавија малку детали, но украинскиот преговарач Рустем Умеров рече дека учесниците „разговарале за безбедносните гаранции, точките од мировниот план, економското закрепнување и воено-политичките прашања“.
Умеров тврди дека „повеќето позиции, 90 проценти од мировниот план, веќе се договорени, работата продолжува на деталите“.
slobodnaevropa.mk




