Светска здравствена организација: Европа заостанува во вакцинирањето на децата

Стапките на вакцинација кај децата во Европа и Централна Азија минатата година останаа под нивоата пред пандемијата, заклучува Светската здравствена организација (СЗО) во најновиот извештај, објавен на 15 јули.

СЗО и УНИЦЕФ објавија дека 89 проценти од новороденчињата ширум светот примиле барем една доза од ДТП вакцината против дифтерија, тетанус и голема кашлица, а 85 проценти ги примиле сите три дози.

Според ова, 171 000 повеќе деца примиле барем една вакцина, а еден милион повеќе биле целосно вакцинирани во 2024 година во споредба со 2023 година.

Но, извештајот го опишува зголемувањето како „скромен напредок во услови на растечки глобални предизвици“.

Сепак, во Европа и Централна Азија, просечните стапки на вакцинација кај децата останале исти или се намалиле за еден процент.

Покриеноста значително варирала меѓу земјите во регионот минатата година, при што стапките на покриеност опаѓаа за првата доза од ММР вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола и третата доза на ДТП.

Некои земји пријавија стапки на вакцинација од само 23 проценти со ММР1 и 51 процент со ДТП3.

За да се постигне колективен имунитет и да се спречи појава на многу болести што можат да се спречат со вакцинација, потребна е покриеност од 95 проценти секоја година, потсетува ДПА.

 

 

 

slobodnaevropa.mk