Неодамна, во Унгарија заврши кампањата против Украина и нејзините аспирации за влез во Европската Унија. Автократскиот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, и неговиот апарат ја претставуваа соседната земја како мафијашка држава полна со криминални и исклучително опасни орди, кои би ограбувале, киднапирале и убивале Унгарци.
Но, тоа очигледно не беше дното на пропагандата на Орбан. Унгарското политичко раководство ја искористи смртта на регрут од унгарско потекло во Украина на 6 јули како повод колективно да ја нападне украинската нација и да ја претвори Украина во еден вид царство на злото – иако смртта на тој човек сè уште не е разјаснета. Орбан тврди: „Унгарски државјанин е убиен во Украина“. Без докази, тој ги обвинува Украина и Европската Унија за прикривање на наводното злосторство. Во објава на Фејсбук, Орбан пишува со бели букви на црна позадина: „Вистината не може да се премолчи“.
Унгарските медиуми блиски до владата објавуваат стотици написи со исклучително емотивна содржина за смртта на регрутот. Украинскиот амбасадор во Будимпешта, Шандор Феѓир, беше поканет на разговор – во дипломатијата ова е недвосмислен знак за гневот на домаќинот. Стотици луѓе демонстрираа пред украинската амбасада, предводени од главниот пропагандист на Орбан, Жолт Бајер.
Околностите на смртта предизвикуваат гнев
Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок испрати писмо до родителите на починатиот човек, велејќи дека е „апсолутно згрозен од околностите во кои вашиот син го загуби животот“. Тој додаде: „Такво нешто“ не смее да се случи во Европа и е спротивно на „сите човечки вредности“.
Што всушност се случило? Во украинскиот регион Транскарпатија, каде што живеат околу 100.000 Унгарци, во градот Берегове кој има 23.000 жители, од кои половина се Унгарци, живеел четириесет и петгодишниот Јожеф Шебештјен. Тој бил сопственик на пансион и имал, покрај украинското, и унгарско државјанство, како и многу други Унгарци од тој дел од земјата.
Како и најголемиот број украински граѓани, и тој бил регистриран како регрут на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Во средината на јуни, бил контролиран од претставници на службата за регрутирање на улица, бил мобилизиран, прогласен за способен за воена служба и испратен на воена обука. Тој починал на 6 јули во психијатриската болница во Берегове. Тоа е факт. Толкувањата се разликуваат за сè друго и не е потврдена ниту една верзија.
Видео со нејасно потекло
На 9 јули, порталот „Мандинер“, кој е близок до владата, објави извештај во кој се тврди дека Јожеф Шебештјен бил тешко претепан со железен стап и дека починал еден ден подоцна. Извештајот се повикува на објава на Фејсбук од сестрата на Јожеф, Марта. Но, таа објава не постои или е отстранета. Марта Шебештјен не одговара на прашањата на ДВ. Уредниците на „Мандинер“ одговорија на истите прашања со текст во кој се вели дека „нема да дозволат важноста на темата да се намали“.
По првиот текст, „Мандинер“ објави и видео, на кое наводно се гледа Јожеф Шебештјен по злоставувањето. Таму може да се види како клекнува на ливада додека болничар и униформирани мажи го испрашуваат. Повреди не се препознаваат. По некое време, Шебештјен паѓа во тревата. Постојат уште две видеа од него како ползи по терен што би можел да биде воен полигон. Впечатокот е дека е разочаран и исцрпен. Но, не може да се види употреба на насилство врз него. Не е познато кој го снимил сето тоа. Сепак, снимката се прикажува на медиуми блиски до владата и на јавниот сервис МТВА како доказ за бруталноста на украинската армија.
DW




