Израел и милитантно исламистичкиот Хамас се согласија со првата фаза од мировниот план за Појасот Газа предложен од САД. „Ова значи дека многу наскоро сите заложници ќе бидат ослободени и Израел ќе ги повлече своите трупи на договорена линија, како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата онлајн платформа, Truth Social. Трамп им се заблагодари на сите преговарачи за овој „голем ден“ и овој „историски и невиден настан“.
Прослави на двете страни
Веднаш по објавувањето на договорот, во Појасот Газа дојде до спонтани прослави. Многу луѓе излегоа на улиците, пеејќи и ракоплескајќи, изразувајќи олеснување и надеж дека нападите на израелската армија наскоро би можеле да завршат.
Славје имаше и на таканаречениот „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив. Од почетокот на војната, роднините на оние што беа депортирани во Газа од терористите на Хамас и нивните поддржувачи редовно се собираа тука за да демонстрираат против војната во Газа и за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Сега, исполнувањето на овие барања е на дофат: Израелската влада објави дека првите заложници би можеле да се вратат дома веќе овој викенд. По формалното склучување на договорот, израелската војска започнa со делумно повлекување од Газа. Израелската влада го одобри договорот во петокот наутро (10.10).
Многу прашања остануваат неодговорени
Според американскиот план, во првата фаза треба да замолчи оружјето и преостанатите израелски заложници да бидат разменети за палестински затвореници. Се вели дека во Појасот Газа има уште 48 заложници. Сепак, се стравува дека само околу 20 од нив сѐ уште се живи. За возврат, треба да бидат ослободени околу 2.000 Палестинци, вклучувајќи 250 осудени на доживотен затвор во Израел. Понатаму, по делумното повлекување на израелските трупи, треба брзо да се продолжи со сеопфатно снабдување на луѓето во Појасот Газа.
Значително покритичните прашања се оставени на решавање во втората фаза. Тие вклучуваат разоружување на Хамас, враќање на јавниот ред и обнова на Појасот Газа. Првичните дипломатски чекори во оваа насока се иницирани на конференција во Париз, на која присуствуваше и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
Можната обнова на крајбрежниот појас, кој е речиси целосно во урнатини, веројатно ќе биде херкуловска задача што може да трае со години или дури и децении. Според бројките на ОН, над 90 проценти од сите згради се уништени или сериозно оштетени – вклучително и бројни болници, училишта и други јавни објекти. Треба да се расчистат повеќе од 50 милиони тони шут. Нејасно е колку мртви се сѐ уште закопани под урнатините. Според официјалните бројки од Министерството за здравство управувано од Хамас, околу 67.000 луѓе се убиени од почетокот на војната во Газа пред две години. Сепак, вистинскиот број би можел да биде многу поголем.
DW




