Основниот кривичен суд Скопје му одреди мерка куќен притвор на првоосомничениот во случајот со нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Обвинителството не е задоволно од одлуката и најави дека ќе вложи жалба, барајќи ефективен притвор поради ризиците кои беа наведени во првичното барање – опасност од повторување на делото и можност за бегство.
За второосомничениот, судот ги прифати предложените мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за приближување и контакт со градоначалничката, забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патната исправа и редовно јавување во суд.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, двајцата осомничени се гонат за кривично дело Насилство по член 386 став 3 од Кривичниот законик. Инцидентот се случил вчера, кога градоначалничката заедно со градски служби излегла на терен по пријава за нелегален објект во изградба на ул. „Севастополска“.
Slobodnaevropa.mk




