Траги од руската хакерска група „Фенси Бер“, која американските и британските државни институции ја поврзуваат со руската воено-разузнавачка служба ГРУ, се пронајдени во електронски адреси поврзани со домејни на македонската влада, Армијата на Северна Македонија и Министерството за одбрана, објави групата на меѓународно поврзани независни експерти за сајбер безбедност „Crtl Alt Intel“.
Во извештајот на „Crtl Alt Intel“ се наведува дека „Фенси Бер“ успешно компромитирал владини и воени субјекти низ Северна Македонија, Украина, Романија, Бугарија, Грција и Србија – вклучувајќи и електронски адреси поврзани со четири земји-членки на НАТО.
„На 28 февруари 2024 година беше објавено дека Северна Македонија се приклучи на западните санкции против Русија и испратила оружје и опрема во Украина. Тоа ја прави Северна Македонија веродостојна, иако со помала значајност, да се вклопува во групата жртви поврзани со државите што ја поддржуваат Украина“, наведува „Crtl Alt Intel“.
Во извештајот пишуваше дека и мејл со домејн gov.mk бил компромитиран од руската хакерска група.
РСЕ се обрати до Владата со прашања дали нејзина електронска пошта била предмет на хакирање и дали ваков напад е пријавен во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ.
slobodnaevropa.mk




