По седум месеци откако ја презеде функцијата канцелар, Фридрих Мерц отпатува на својата прва официјална посета на Израел — патување што траеше помалку од 24 часа. Посетата предизвика силни реакции, особено во Германија, околу тоа дали ќе испрати погрешен сигнал во услови на конфликт во Газа и ескалација на насилството на Западниот Брег.
Како израелската јавност го доживува новиот германски канцелар
Според историчарот Моше Цимерман, германскиот канцелар сè уште е релативно непознат за израелската јавност.
„Ако ги прашате луѓето во анкета: ‘Кој е актуелниот германски канцелар?’, не повеќе од 10% од Израелците би знаеле дека се вика Фридрих Мерц“, изјави тој за ДВ. „За огромното мнозинство, Ангела Меркел сè уште е канцелар, таа беше многу популарна овде.“
Во последно време, од Германија сè почесто доаѓаат критики кон израелското воено дејствување во Газа — нешто што за Израелците е релативно невообичаено.
Разлики околу „палестинското прашање“
Јавноста внимателно ја следеше заедничката изјава и прес-конференцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху и канцеларот Мерц за да види дали билатералните односи се нарушени. Иако признаа разлики по некои прашања, и двајцата лидери ја нагласија цврстата поврзаност меѓу земјите.
„Посетата ја потврдува силата на билатералните односи, германската посветеност кон Израел и израелската посветеност кон Германија – партнерство што во последните години е во постојан подем,“ оценува Џереми Исахаров, поранешен израелски амбасадор во Германија.
Тој додава: „Разлики има, пред сè околу тоа како да се продолжи со палестинското прашање. Мислам дека двете земји го признаваат тоа.“
На средбата со претседателот Јицак Херцог една вечер претходно, Мерц призна дека доаѓа во „комплицирано време“: процесот за примирје во Газа не напредува, дневните воздушни напади предизвикуваат жртви, а Израел сè уште ги чека посмртните останки од последниот заложник.
DW




