Мицкоски бара консензус за укинување на техничката влада

Премиерот Христијан Мицкоски, по локалните избори во октомври, на почетокот на 2026 година повторно ја отвори дебатата за укинување на техничката влада – модел кој се применува со години. Во телевизиско гостување најави дека ќе испрати покани до парламентарните политички партии за лидерска средба. Теми на дискусија ќе бидат реформските закони и укинувањето на техничката влада што се формира 100 дена пред парламентарни избори.

Средбата, според Мицкоски, би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Премиерот очекува сите лидери да ја прифатат поканата, а дневниот ред може да се прошири со предлози од другите партии.

Теми на средбата: реформски закони и техничка влада
„Да разговараме за правобранителот, да покажеме зрелост дека можеме да постигнеме консензусза клучните прашања. Целта е пред нас – Европската Унија. Закони со позитивно мислење од Венецијанската комисија и Европската комисија се на маса. Ајде да седнеме и да разговараме“, изјави Мицкоски.

Околу техничката влада, премиерот потсети дека и СДСМ пред минатите избори изјавиле дека таа веќе не е потребна. Според него, актуелната влада покажува широчина, што е важно во период на суштински реформи и приближување кон ЕУ.

„Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката влада. Да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во измени без консензус, затоа што тоа е политички некултурно. Ако велиме дека техничката влада е имплант, дека го кочи системот, ајде да ги направиме тие измени“, додаде премиерот.

Историја на техничките влади во Македонија
Прашањето за техничката влада се отвораше повеќе пати. Последната беше формирана на 28 јануари 2024 година, пред изборите на 8 мај, со премиер Талат Џафери од ДУИ. Претходно, технички влади имаше во 2016 (Емил Димитриев) и 2020 (Оливер Спасовски).

Законот предвидува дека 100 дена пред избори се формира преодна влада, во која премиерот е од актуелната власт, а пет министерства ги делат власта и опозицијата: внатрешни работи, труд и социјална политика, финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство.

Аналитичарите укажуваа дека е време за промена, бидејќи техничката влада се покажала како нефункционална и често е злоупотребувана за партиски поени. Дали ќе има консензус за нејзино укинување – останува отворено прашање.

 

 

 

DW