Интерконективниот далековод Битола–Елбасан претставува клучен проект за енергетското поврзување на земјава со регионот и затворање на долгогодишната празнина на Коридор 8, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека со изградбата на 400-киловолтниот далековод, долг околу 100 километри, за првпат се воспоставува целосна поврзаност со сите соседни електроенергетски системи. Според него, тоа ќе значи поголема сигурност за граѓаните, стабилност за стопанството и нови можности за економски развој.
Мицкоски нагласи дека проектот, иако започнат со обезбеден кредит во 2015 година и договор потпишан во 2020 година, со години немал реална реализација. Владата, како што рече, донела одлука за раскинување на договорот кој не давал резултати, по детална анализа и во координација со меѓународни партнери, вклучително и Европската банка за обнова и развој.
„Доаѓа времето кога Македонија нема да биде на периферијата на енергетските текови, туку во нивниот центар“, порача Мицкоски, додавајќи дека реализацијата на проектот е чекор кон посигурна и поразвиена енергетска иднина.




