Молдавската полиција пронашла уште докази во случајот со групата обучувана во камп во Србија

Молдавската полиција на 4 декември објави дека извршила околу 50 претреси на неколку локации во земјата и пронашла докази дека организирана група, која претходно била обучена во камп во Србија, планирала да предизвика немири во Молдавија.

„Организираната група наводно дејствувала со директна намера да изврши нелегални активности од големи размери и во замена за финансиска корист“, се вели во соопштението на молдавската полиција.

Во соопштението се наведува дека групата претходно била обучена во камп во Бања Ковиљача, на западот од Србија, и дека целта била „да се создаде социјална тензија, по што би следело иницирање на насилни протести со намера да се наруши јавниот ред и безбедноста на граѓаните на Молдавија“.

На 26 септември, полицијата во Србија уапси две лица кои се обвинети за организирање борбено-тактичка обука на граѓани на Молдавија и Романија, која имала за цел да предизвика нереди во Молдавија.

Апсењата дојдоа откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени кампови во Србија, велејќи дека тие биле организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија за време на неодамнешните избори во земјата.

Москва ги отфрли овие обвинувања.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk