Коридорот 10 е иднината на регионалната трговија и економското поврзување на Југоисточна Европа, порача заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што денеска се одржува во Солун во присуство на високи претставници на Европската Унија, министри од замејите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции.
Николоски истакна дека заедничката определба на државите од регионот за инвестирање во железничкиот Коридор 10 претставува силна порака за идниот економски развој и дополнително ја потврдува стратешката важност на Македонија како раскрсница на два паневропски транспортни коридори.
Во продолжение интегралната изјава на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски:
“Сметам дека самото тоа што Европската Унија го организира овој состанок на кој што ЕУ е претставена на највисоко ниво, преку Kомесарот за транспорт и мобилност, Апостолис Цицикостас, а тука на највисоко ниво се и владите на Грција, на Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, претставници иод Словенија, говори дека е јасна посветеноста да се развива инфраструктурата во регионот. Исто така јасно се поставија принципите и правилата, дека заеднички ќе вложуваме во изградбата на железничкиот Коридор 10. Тоа е иднината за развојот на трговијата и развојот на пристаништата во регионот и затоа ми е драго што покрај нашата држава, и Грција, и Србија, и Хрватска, дадоа јасна заложба дека ќе инвестираат во овој коридор, што уште повеќе ја истакнува важноста на нашата инвестиција во изградба на брза пруга. Коридорот 10 е економски најжив и најзначаен коридор и нешто што дополнително ќе и носи бенефит и економска оправданост на Македонија.
Ако на тоа додадеме дека веќе имаме автопат по Коридорот 10 од граница до граница, таму веќе одиме на модернизација. Имено, заедно со Светската Банка, работиме на воведување на Интелигентни Транспортни Системи, проект кој што очекувам да започне за брзо да се имплементира и исто така заедно со Светска банка работиме на подобрување и забрзување на системите кои што се поврзани со Царина. Кога сето ова ќе се стави во контекст, навистина денешниот ден е порака дека регионот има иднина и дека регионот ја задржува и ја надградува својата позиција, а Македонија особено, како раскрсница на два паневропски коридори, Коридорот 8 и Коридорот 10, го добива своето геостратешко значење”-изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.




