Николоски: Македонија одамна има заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ

Македонија одамна има и заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ, па затоа Унијата треба да изврши притисок врз оние што го блокираат процесот на проширување, со цел тој да продолжи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА во Брисел, каде учествуваше на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тинк тенкот Пријатели на Европа.

Николоски нагласи дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.

– И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки, и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија, рече Николоски.

Во однос на уставните измени Николоски вели дека клучно прашање е дали нивното усвојување е последниот услов или пак за неколку години повторно ќе ни стави вето.

– Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и кога ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ, истакна Николоски.

Вицепремиерот во интервјуто најавува дека изградбата на брзата пруга кон Грција ќе започне следното лето, а од 2031 година очекува да профункционира и железничката врска со Бугарија. Според него, околу Нова година ќе биде пуштена во употреба и нова делница од автопатот Охрид-Кичево, а за многу скоро време ќе имаме и целосно автопатско решение до Прилеп и до Битола.

Во интервјуто Николоски најавува и воспоставување нови авиолинии од Охрид и Скопје, како и воведување на систем за електронски пополнување на сите документи за прекуграничен камионски транспорт.

Во продолжение следи интегралното интервју со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за МИА.

Учествувавте на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ на Пријатели на Европа на панелот посветен проширувањето на Унијата. ЕУ инсистира дека услов за членство е исполнување на поставените критериуми. Но, во минатото имаше случаи кога на некои новопримени членки им „се прогледуваше низ прсти“. Па дали во актуелниот геополитички момент би можеле да очекуваме ЕУ да ѝ даде предност на стабилноста, пред строгата условеност на пристапниот процес?

-Во право сте. Мислам дека дебатата во ЕУ почнува да се менува, и тоа е добро, особено после воената агресија во Украина, тоа е нешто што навистина е загрижувачко за целиот регион и за цела Европа. Никој не очекуваше дека во 21 век може да има војна.

Но, ЕУ веќе станува поотпорна и на Самитот можевте да слушнете доста храбро како одредени европски челници, дипломати, признаваат дека процесот е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнување на реформите или критериумите или заслугите. Денеска дебатата се движеше од тој дека е стопроцентно политички, до тоа дека е мешан. Но, тоа е голема промена во наративот, ако споредите со пред неколку години кога сите велеа дека е само базиран на заслуги.

И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ, да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија. Нас не интересира Македонија. Да направат притисок врз оние коишто го блокираат процесот на проширување со цел процесот на проширување да продолжи, и Македонија да ги почне преговорите. Затоа што тоа одамна го има и заслужено Македонија.

Споменавте дека заслужуваме почеток на преговорите, меѓутоа постојано се инсистира дека мора да го исполниме уште тој еден услов за да ги почнеме преговорите, а тоа се уставните измени. Има ли нови моменти околу тоа прашање?

-Клучното прашање е дали е тоа само уште еден услов и дали е тоа последниот услов или тоа не е така. Знаете дека ние рековме дека уставни измени под бугарски диктат нема да правиме. Знаете дека имаше и има идеи како да се надмине целата работа. Ние уште додека бевме во опозиција зборувавме за уставни измени со одложено дејство, коишто би влегле во сила кога Македонија ќе ги заврши преговорите, со цел да не е блокирана во текот на преговорите.

Зборуваме, исто така и Бугарија да заврши дел од своите обврски, за да има балансираност во процесот. Постојат 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, коишто мора да бидат применети од сите земји членки. Бугарија нема спроведено ниту една, а се однесуваат на Македонците во Бугарија, на нивните основни човекови права, на здружување, на политичка активност и на своја самоидентификација.

Така што, процесот мора да е двонасочен, и процесот мора да дава гаранција дека нема да седиме тука за неколку години повторно и да речеме, еве Македонија повторно е блокирана. Некој повторно стави вето заради внатрешно политички причини или заради причини коишто се поврзани со избори повторно ја блокираше Македонија. Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ.

Во Брисел ќе учествувате и на Министерскиот совет на Транспортната заедница, на кој ќе се разговара за транспортната политика и инфраструктурни проекти на Западниот Балкан, вклучително и за коридорите 8 и 10. Па, во тој контекст, до каде е постапката за проектот за изградба на брза пруга?

-Во однос на брзата пруга, напредуваме одлично. Во овој момент имаме активности коишто се во делот на подготовка. Тоа е многу сериозен проект и мора добро да е подготвен. Престижна меѓународна компанија го работи тоа за нас, компанија којашто е препорачана исто така и од Велика Британија.

Паралелно имаме веќе најдобра индикативна понуда за финансирање на проектот, а во скоро време ќе влеземе и во процес на изборен изведувач. Така што очекувам процесот да оди со оваа динамика.

Значи подготвителните работи се веќе започнати, а она што за граѓаните е визуелен почеток на работа, да видите машини на терен, тоа очекувам да се случи некаде летото.

Да останеме на пругите. Го потпишавте договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел со Бугарија на Коридорот 8. Кога може да очекуваме старт на работите, но и кога ќе можеме со воз да патуваме од Скопје до Софија?

-Па, се надевам во 2031 година, ако и Бугарија работи со динамиката којашто ја добив како ветување од бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт. Се надевам дека 2031 е датумот.

На наша страна ние веќе ја завршивме првата секција којашто оди од Куманово до Бељаковце. Бељаковце-Крива Паланка, се работи интензивно во моментов. За третата делница веќе почнуваме подготовки за да објавиме тендер. Веќе беше објавена информација на европскиот сајт за тендерски процедури, каде што очекуваме да се пријават што повеќе заинтересирани компании.

Така што, тоа е нешто што е добро. И очекуваме во тек на месец декември, најдоцна во тек на месец јануари, веќе да имаме објавен тендер, и за надзор и за изведба, односно за работа.

 

 

 

 

mia.mk