Обвинителите против намалување на платите

Здружението на јавни обвинители бара Собранието да ги повлече предложените законски измени за платите, со кои се предвидува измена на коефициентите за пресметка со цел спречување на натамошен „непропорционален раст“ на нивните примања.

Аргументите на обвинителите
Од Здружението потсетуваат дека согласно Законот за платите на јавните обвинители, платата не смее да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.

„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон, без соодветни материјални услови и без доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не се исплаќаат поради недостиг од средства во Буџетот“, соопштуваат од Здружението.

Тие посочуваат дека ја разбираат тешката економска состојба, но нагласуваат дека поради неспојливоста на функцијата, платата е единствен приход на јавните обвинители. Воедно додаваат дека нивните примања се најниски во регионот – од 90.000 до 130.000 денари.

Уставниот суд веќе ја разгледува темата
Здружението потсетува дека Уставниот суд во декември лани веќе покрена постапка за оценување на уставноста на последните измени на Законот за платите, со кои веќе беше извршено намалување на коефициентите.

„Иако конечна одлука сè уште нема, имаме обврска да укажеме на штетните последици доколку новите измени дополнително ги продлабочат веќе оспорените несогласности. Со повторно намалување на коефициентите, се влијае врз намалување на платите, што е противуставно и претставува економски притисок врз независноста на јавните обвинители“, наведуваат од Здружението.

Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на функционерските плати
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе пакет закони со кои се предлага намалување на платите на државните функционери од 10.000 до 13.000 денари, а кај одредени позиции и повеќе. Целта, според нив, е поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови во државата.

Измените ги опфаќаат платите на пратениците, министрите, функционерите во извршната власт, судиите и обвинителите, членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет и градоначалниците. Предвидена е и нова скала на плати за градоначалниците според бројот на жители. Според предлагачите, заштедените средства ќе бидат пренаменети во здравството, образованието и социјалната заштита. Измените треба да стапат во сила со исплатата на февруарската плата.

 

 

 

DW