Вториот круг од изборите за градоначалници им понуди на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата беше конкурентна во поголемиот дел од општините. Сепак, не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања, беше посочено на прес-конференцијата на меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ /ОДИХР за вториот круг од локалните избори во земјава.
Набљудувачите оценија дека како и во првиот круг, основните слободи на изразување како и слободата на здружување и собири биле почитувани и учесниците во изборите имале можност слободно да водат кампања. Но, според нив, тонот на кампањата бил повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други.
„Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови“, изјави денеска (3 ноември) Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
slobodnaevropa.mk




