Објектот во Кавадарци каде пеел Аца Лукас имал низа пропусти

Српскиот пејач Аца Лукас синоќа бил приведен во Кавадарци околу 00:10 часот, за време на настап во угостителски објект затоа што немал дозвола, а објектот каде настапувал имал неколку пропусти, меѓу кои и поголем број на гости од дозволеното.

– На 22.11.2025 во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола. Против А.В е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна, соопштија од полциијата во дневниот билтен.

При контролата во истиот угостителски објект, информираа од МВР, констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Министерството за внатрешни работи во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите.

skopjeinfo.mk