Органодарителство во фокус: Собранието донесе законски измени – граѓаните ќе се изјаснуваат преку „Мој термин“

Секој полнолетен граѓанин ќе може лично да се изјасни дали по смртта сака да биде дарител на органи, преку изјава кај својот матичен лекар. Изјавата ќе се евидентира во системот „Мој термин“ преку посебен дигитален модул.

Патот за ваквите измени се отвора откако Собранието со 58 гласа „за“ и шест „против“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување. Со тоа се воведуваат значајни законски измени во областа на органодарителството.

Лична изјава преку „Мој термин“

Граѓаните ќе имаат можност во секој момент да ја променат или повлечат својата одлука, што треба да овозможи поголема доверба, транспарентност и информираност за органодарителството.

Втората и најзначајна промена е напуштањето на досегашниот модел на претпоставена согласност и воведувањето јасна и лична одлука на секој граѓанин.

„Отсега државата нема да претпоставува, туку граѓанинот сам ќе одлучи и ќе може да каже ‘да, сакам по мојата смрт да помогнам некој друг да живее’ или ‘не, тоа не е мој избор’. Тоа е највисокиот степен на почитување на човечкото достоинство и личната автономија на нашите граѓани“, вели министерот за здравство Азир Алиу.

Проширување на кругот на дарители

Со измените се проширува кругот на живи дарители на органи, при што се вклучуваат и сродници до четврто колено. Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека се зајакнати и механизмите за заштита.

Секој поединечен случај ќе биде разгледуван од Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе гарантира дека нема притисок, манипулација или трговија со органи.

Министерот нагласи дека трансплантацијата не е само медицинска процедура, туку чин што носи живот, надеж и хуманост.

На јавна панел-дискусија во Гостивар посветена на органодарителството, Алиу деновиве порача дека ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител по воведувањето на системот.

 

 

DW